Атлетико фуриозно го грабна својот трет пехар од Лига Европа! (ВИДЕО)

Атлетико Мадрид ја потврди својата класа и на сигурен, дури и убедлив начин ја освои титулата во Лига Европа.

Во финалето со Олимпик Марсеј, „јорганџиите“ славеа со 3-0. Убедливоста не е само во трите гола, натпреварот даваше таков впечаток и пред Габи да го постави конечниот резултат, во 89. минута.

За таквиот развој придонесе и самиот Марсеј, дозволувајќи лесно да биде отворен резултатот. Во 21. минута, Амбуиса реагираше недозволиво и почетнички на сопствената половина, а таквите грешки Атлетико ги казнува со својот специјален „агент“, Антоан Гризман. Првата ѕвезда на црвено-белите погоди и за 2-0, по неполни пет минути во второто полувреме и уште тогаш беше јасно кој ќе го освои пехарот.

Сепак, Марсеј играше драстично хендикепиран по 32. минута, откако Дмитри Паје мораше да ја напушти играта поради повреда. Оттогаш како да се загуби концептот во играта на Французите и тие не беа никаква закана за Атлетико. Ова е трет пехар од Лига Европа за вториот мадридски тим по популарност, по 2010 и 2012 година. Дури, во 2012 година стигнаа до целта на идентичен начин, со 3-0 против Билбао.