Англија извлече победа, ама со ваква игра - тешко до титула (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Англија со минимална победа го почна својот пат на Европското првенство во Германија откако во првото коло, потешко од очекувањата ја совлада Србија со 1-0.

Англичаните пред шампионатот најавија атак на титулата, но со она што го прикажаа во воведниот меч, тешко дека имаат сила и квалитет за такво нешто. И покрај многуте ѕвезди во составот, со исклучок на голот и уште 2-3 шанси, не прикажаа ништо посебно или вредно за истакнување.

Моментот на одлука се случи во 13. минута кога Сака се проби по десната страна, нафрли на петерецот, а таму осамен остана Џуд Белингам кој со глава ја затресе мрежата на Рајковиќ. Србите до тој момент не можеа да се поврзат, ретко го поминуваа центарот на теренот и беа апсолутно безопасни по противничкиот гол. Откако дојдоа во негатива, полека почнаа да се отвораат, но до крајот на првото полувреме немаа изгледни шанси за гол.

Вториот дел донесе многу подобра игра на српската репрезентација која го диктираше темпото, а неколку пати и се закани. Во 59. минута според момент во шеснаесетникот на Англија, Србите бараа пенал над Митровиќ, но не добија. Англија имаше добра шанса во 77. минута преку Кејн кој со глава ја погоди пречката, а во финишот, опасен шут од далечина упати Влаховиќ кој Пикфорд го одбрани со крајни напори.

Англија, сепак, ги освои бодовите, а Србија во следните два меча ќе се обиде да дојде до победи кои ќе ја однесат во нокаут фазата.