Адеми и Ристовски немоќни против моќниот Вест Хем (ВИДЕО)

Македонските фудбалски репрезентативци, Аријан Адеми и Стефан Ристовски, со пораз ја почнаа новата сезона во Лига Европа, откако нивниот Динамо Загреб вечерва, на домашен терен, загуби во пресметката со премиерлигашот Вест Хем (0-2).

Англискиот тим беше пресилен за „модрите“ од Загреб, па со по еден гол во двете полувремиња дојде до посакуваните три бода. Антонио го отвори резултатот во 22. минута по голема грешка на домашната одбрана, а конечниот резултат го постави Рајс пет минути по стартот на вториот дел од мечот. Адеми го одигра целиот натпревар, додека Ристовски беше заменет во 63. минута.

Интересно беше и во Белград, каде што Црвена звезда дојде до драгоцена победа во пресметката со Брага (2-1). Головите паднаа во последната третина од второто полувреме, откако Родиќ прво во 75. минута донесе водство на црвено-белите, а гостите изедначија само една минута подоцна преку Галено. Ерупција на стадионот „Маракана“ донесе Катаи со победничкиот гол од пенал во 85. минута.

ЛИГА ЕВРОПА – РЕЗУЛТАТИ: Баер Леверкузен-Ференцварош 2-1,Бетис-Селтик 4-3, Ц. Звезда-Брага 2-1, Динамо Загреб-Вест Хем 0-2, Галатасарај-Лацио 1-0, Локомотив Москва-Марсеј 1-1, Митјиланд-Лудогорец 1-1, Рапид-Генк 0-1.