Венгер: Ако не ви се допаѓа СП на две години, дајде подобар предлог!

Легендарниот француски тренер Арсен Венгер, кој сега е шеф за фудбалски развој во Светската фудбалска федерација (ФИФА) им порача на сите што се противат на играњето на Светско првенство на секои две години да дадат подобар предлог, додаваќи дека оваа идеја не е негов личен, туку после консултации со најголем дел од инволвираните во фудбалската индустрија.

ФИФА веќе го промовира проектот „фудбал во иднината“, откако Конгресот изгласа да се направи физибилити студија за Мундијал на секој две години, како предлог на дел од арапските фудбалски федерации. Идејата е Светското првенство да се игра на секои две години почнувајќи од 2028 година, зашто веќе е избран домаќин на СП 2026, а тоа е САД, Мексико и Канада.

„Помеѓу 80 и 90 отсто од луѓето во фудбалската индустрија сакаат да се скратат квалификациските циклуси, а поголем дел сакаат Светско првенство на секои две години. И јас разговарав со сите со кои морав и им поставив две прашања. Првото, дали сакаат работите да останат вкави какви што се и сите одговорија дека – не сакаат. Второто е дали имаат подобра идеја од оваа? Јас сум отворен за секоја идеја, ова не е моја лична битка. Ако некој има подобра идеја – нека ја каже. Не сакам да го напаѓаат мојот кредибилитет“, вели Венгер.