Ужасни услови во Мексико - Јапонците сакаа да заминат од СП! (ФОТО)
Состојбата на теренот наменет за тренинг беше толку лоша што целата ситуација ескалираше до тој степен што се закануваше да ја напуштат земјата.
Јапонците требаше да останат и да тренираат во модерниот тренинг центар „Тигрес“ (CET), комплекс во кој локалните организатори инвестираа значително време и пари за да го адаптираат според строгите стандарди на ФИФА. Сепак, она што го најдоа беше далеку од она што го очекуваа. Според извештаите на мексиканските медиуми, теренот беше во катастрофална состојба, практично уништен и целосно несоодветен за тренинг на врвни спортисти.
Тие биле шокирани кога ги виделе условите, првичната одлука им била дека нема да тренираат на таков терен. Главната причина беше загриженоста за здравјето на играчите и стравот од повреди што би можеле да им ги уништат соништата уште пред првиот натпревар.
За Јапонците секој детаљ е клучен, па ризикот од повреди поради лоша инфраструктура не е опција.
Одлуката на Јапонија да го одбие кампот што им беше доделен беше ладен туш за организаторите. Сепак, ситуацијата набрзо стана уште посериозна. Водачите на јапонската делегација испратија остар протест до ФИФА, а според неофицијални информации, дури се заканија дека ќе го повлечат тимот од натпреварувањето доколку итно не им бидат обезбедени соодветни услови.
Таквото сценарио би претставувало огромен срам за ФИФА и домаќините и би ја довело во прашање нивната способност да го организираат турнирот. Затоа реакцијата мораше да биде молскавично брза, а Светската фудбалска организација веднаш интервенираше за да ги смири тензиите.
Брзо беше договорено јапонскиот тим да се пресели во терените на Медицинскиот факултет на Универзитетот УАНЛ, кои беа во беспрекорна состојба. Оваа локација се покажа и како попрактична, бидејќи беше оддалечена само неколку минути од хотелот каде што престојуваа играчите, со што се избегнаа дополнителни логистички проблеми.