Трагедија во Катар: Новинар почина додека се шутираа пенали, брат му тврди дека е – убиен!

Американскиот новинар Грант Вал (48 години) почина на трибините на стадионот на кој синоќа играа Аргентина и Холандија на Мундијалот во Катар и тоа за време на пенал-серијата која заврши со триумф на „гаучосите“.

Според првичните информации, тој починал поради здравствени проблеми (бронхитис) и многу работа за време на СП 2022 заедно со стресот откако се најде во центарот на скандал по обидот да влезе на стадион со маица за поддршка на ЛГБТ популацијата, која е угнетена во оваа држава. Колегите околу него велат дека тој само се спуштил на своето седиште за време на мечот, по што веднаш добил лекарска помош, а потоа бил пренесен и во болница, но сето тоа било предоцна.

Неговиот брат, пак, изнесе теорија дека Грант бил убиен поради неговото пркосење на режимот во Катар, без да изнесе докази за тоа. Самиот новинар во својот поткаст потенцирал дека бил многу болен во последните десет дена, за што добил антобиотици и сирупи за кашлање. Тој го следел Мундијалот известувајќи за ЦБС спортс и НБЦ њуз.