Спировски: Ми кажаа многу убави работи за израелската лига, но сè ќе се знае наскоро!

Македонскиот репрезентативен фудбалер за врска Стефан Спировски денеска според сите најави треба да го комплетира трансферот во Хапоел Тел Авив од унгарски Ференцварош, но после мечот со Израел на кој битолчанецот доби шанса од клупата, не сакаше премногу да открие за израелските медиуми.

Според информациите на медиумите во Израел, Спировски денеска треба да ги мине лекарските прегледи и да потпише едногодишен договор со Хапоел, со опција за уште една година. Наводно сè е договорено помеѓу клубовите, а бившиот фудбалер на Вардар треба да добие 150 илјади евра во првата, а 165 илјади евра во втората сезона ако остане, плус 20.000 како грант за потписот.

„Не можам ништо да кажам за трансферот во Хапоел. Ќе видиме што ќе се случи наскоро. Јас во Израел играв неколкупати и знам дека атмосферата е добра, многу убави работи слушнав за израелскиот фудбал, Митровски ми кажа добри работи за лигата и за земјата. Најважно е дека повредата е минато. Веќе одиграв неколку мечеви, добро се чувствувам и подготвен сум за нови предизвици“, рече Спировски за израелски „Оне“.

Битолчанецот замина во Ференцварош после историскиот пласман во Вардар пред две години во Лига Европа, но откако се повреди го загуби статисот во тимот, одигра само еден меч на кој даде гол и сега во потрага за поголема минутажа е пред доаѓање во Израел.