Сезонава не одигра ниту минута, а Јувентус му го продолжи договорот

Полскиот фудбалер Аркадиуш Милик денес го продолжи договорот со италијанскиот гигант Јувентус до 2027 година, објави клубот од Торино.

Милик  пристигна во Јувентус како позајмен играч од Олимпик Марсеј во 2022 година, а торинскиот клуб целосно го откупи неговиот договор во јуни 2023 година.

„Јувентус со задоволство објавува дека постигна договор за продолжување на соработката со Аркадиуш Милик до 30 јуни 2027 година“, стои во соопштението објавено на социјалната мрежа Икс.

Во дресот на Јувентус, полскиот напаѓач има одиграно 75 натпревари и постигнато 17 голови, но оваа сезона сè уште е без настап поради повреда.

Продолжувањето на договорот со Милик ги засили шпекулациите дека српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ би можел да го напушти клубот на крајот од сезоната, кога влегува во последната година од својот договор со Јувентус.