Сензација во Швајцарија: Третолигаш ќе игра за трофејот во купот (ВИДЕО)

Голема сензација се случи во полуфиналето на Купот на Швајцарија, актуелниот и повеќекратен шампион  Јанг Бојс беше елиминиран од третолигашот Бил-Бјен, кој славеше со 1-0 по продолженија.

Јанг Бојс, кој важеше за апсолутен фаворит, гостуваше на овој натпревар и доживеа вистинско разочарување. Натпреварот беше  одлучен во 99. минута, кога Малко Сарторети погоди од белата точка и донесе историска победа за Бил-Бјен.

Од 77. минута Јанг Бојс играше со играч помалку и така не успеа да се врати во игра. Иако црвениот картон беше хендикеп, тоа никако не може да биде оправдување за овој неуспех, ниту пак да го намали огромниот успех на скромниот третолигаш.

Бил-Бјен на 1 јуни ќе се бори за пехарот во големото финале, каде ќе го чека победникот од второто полуфинале меѓу Базел и Лозана.