Салихамиџиќ го скара „Гучи-Гнабри“: Тоа во Баерн не се прави!

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ му замери на Серж Гнабри и потегот на напаѓачот да присуствува на модни ревии во Париз по ремито против РБ Лајпциг.

Серж Гнабри го сврте вниманието на себе со своето однесување надвор од терените. По натпреварот против РБ Лајпциг во петокот минатата недела, фудбалерите на Баерн Минхен добија слободен ден, а Германецот се реши да отпатува во Париз и да присуствува на модни ревии.

Медиумите го нарекоа фудбалерот „Гучи-Гнабри“ и почнаа да прашуваат дали се дозволени вакви екскурзии во клуб како Баерн Минхен.

Јулијан Нагелсман излезе со дипломатски одговор но Хасан Салихамиџиќ реши да го подбере фудбалерот.

„Тоа е аматерски потег, се коси со размислувањето во Баерн Минхен, да се забавувате кога имате слободен ден. Добивате слободен ден за да се одморите и потоа да притиснете на педалот за гас на следниот натпревар. Ќе разговараме за ова, секако дека има потреба за разговор“, вели спортскиот директор на Баерн.