Репрезентативец на Мексико обвинет за перење пари

Еден од најдобрите фудбалери на Мексико на сите времиња, Рафаел Маркез, поранешниот играч на Барселона се најде во центар на нов скандал во предвечерието на Светското првенство во Русија, откако е обвинет за перење пари.

Маркез е обвинет дека перел пари преку хуманитарната организација на нарко-босот Ел Сињор. Засега не се откриваат други детали околу овој скандал, но тој се надоврзува со барањето на спонзорите на мексиканската репрезентација, Маркез да не тренира во официјалните маички на националниот тим и поради тоа дефанзивниот фудбалер на тренинзите има посебни маички без логоата на спонзорите.

Маркез моментно игра за Атлас од Гвадалахара и ова не е првпат да се најде во центар на вниманието за некаков скандал, затоа што во минатото неколкупати поради недисциплина беше отстрануван од репрезентацијата.

Маркез во минатата година од обвинителството на САД беше посочен и како соработник за трговија со дрога, но Мексиканецот подоцна ги демантираше обвинувањата и потоа се најде на списокот за настап во Русија. За него ова ќе биде петти Мундијал.