Панчев: Хрватска е доказ дека малите може да имаат успех, ама - тоа не важи за нас!

Дарко Панчев, македонскиот фудбалер на 20-от век и еден од четворицата Македонци кои имаат играно на Светско првенство во историјата, за Спорт1 ги анализира случувањата на претстојниот Мундијал во Русија. „Златната копачка“ од 1991 година е наш и ваш стручен аналитичар за време на најголемиот фудбалски фестивал и во негов својствен стил ја коментира завршницата од 21. Мундијал по пласманот на Хрватска и на Франција во мундијалското финале.

Стигнавме до крајот на ова Светско првенство и во финале ќе играат двете селекции кои покажаа најконстантна форма. Франција ми беше кандидат за светска титула, за разлика од Хрватска која не ја ставив во таа група на кандидати заедно со Белгија, Аргентина, Шпанија... Мое мислење е дека Белгија и Франција беа најсилни селекции, со најдобри играчи меѓу осумте кои се пласираа во четвртфинале, а за многумина, како и за мене, тоа полуфинале завчера помеѓу „триколорите“ и „црвените ѓаволи“ беше „финале пред финале“. Но, нема дилеми дека Хрватска заслужено ќе игра финале.

Секако дека Хрватите се големо изненадување, иако од фудбалски аспект тоа изненадување не е така големо, зошто и претходно кажав имаат еден голем континуитет на настапи на големи натпреварувања, од причина што имаат искусни играчи, големи борци, добри тркачи... Реално немаат атрактивни поединци, освен Лука Модриќ, кој отскокнува со фудбалската виртуозност. Меѓутоа тоа искуство, играњето во добрите лиги, константноста и тоа што долго време се заедно, добрата атмосфера, желбата, мотивацијата придонесоа за да направат фантастичен успех. Целиот овој успех е пример за многу генерации на овие простори.

Уругвај во минатото, сега Хрватска, претходно Словенија докажаа дека и малите земји може да имаат добри селекции и да имаат добар успех. Ние на почетокот, во првите десет години, имавме една флоскула и се вадевме дека сме мала земја. Тоа ни беше некое алиби, но ете сето тоа паѓа во вода – нема тука мала-голема земја. Еден Уругвај бил двапати светски првак со 3,5 милиони жители. Една Хрватска со пет милиони жители 25 години игра константно на големи натпреварувања и еве сега успеа да стигне до финале, што е нов успех после 1998 година. Хрватска е тотален хит и мене мнoгу ми е драго.

Што значи овој успех на Хрватска? Значи само дека сојузот е добро поставен. Најголемиот успех што го направи Хрватска до вчера беше 1998 година, а претседател беше поранешна нивна легенда Влатко Марковиќ и една тренерска легенда Мирослав Блажевиќ. Сега исто, повторно тренерска легенда на чело на ХНС, Давор Шукер, плус огромен број на фудбалски имиња помагаат во репрезентацијата. Ова е само еден патоказ како треба да се работи. Ние како Македонија, еве за 25 години постојано не водат некои луѓе кои се поставуваат поради некоја политичка обоеност, дали некој со некого е роднина или близок пријател. Ама, не може така во фудбалот. Не може! Дефинитивно додека не го исфрлиме тоа, но не ни доаѓа памет. И да се појави некој што сака професионално да работи, да гледа напред, веднаш на некого му смета. Не знам што се случува кај нас како нација, а дефинитивно тоа е една од работите зошто стагнираме.

Хрватска до финале стигна до три меча по три продолженија, што покажува еден квалитет дека биле одлично физички подготвени. Пресвртите што ги правеа Хрватите се плод на нивната мотивација, желба и физичката подготвеност. Психичка подготвеност? Искрено не би се грижел за таа нивна психолошка подготовка, затоа што имаат играчи кои играат константно во европските натпреварувања и доаѓаат до врвот, без оглед дали е тоа Манџукиќ, Модриќ, Ракитиќ...

Без да го намалуваме овој фантастичен успех на Хрватска, фудбалски ако анализираме мора да признаеме дека патеката Б (вториот дел од костурот во елиминациските фази) низ која минува одреден дел на репрезентации беше објективно многу послаба од другата патека А. Франција и Белгија навистина се фантастични тимови, со фантастични фудбалери и делуваат фудбалски моќно. Од другата страна немаше такви селекции, а се соочувме да ги гледаме Шведска, Швајцарија, Русија, Данска, Англија..., селекции кои се под големиот европски просек. Вчера за време на мечот додека гледав Англија – Хрватска, буквално реков срамота е ваква Англија со ваков фудбалски квалитет да игра во финале. Искрено, јас очекувам екипа која ќе игра финале треба да има моќна екипа, дека таа екипа треба да ја памтиме во следните 30-40 години. Од таа патека Б, таква моќ немаше ни една селекција, можеби само Шпанија, но очигледно тие имаа други проблеми. Сепак, Хрватска сето тоа си го искористи и апсолутно заслужено си е во финале, од причина што одигра најконстантно, фудбалски добро одигра и единствен натпревар каде што немаа иницијатива и каде ги фати голема криза тоа беше второто полувреме и продолженијата со Данска, меч на кој најмногу висеа. Се друго што одиграа беше апсолутна нивна доминација, но мора да се спомене дека имаа среќа да одат по другата патека. Да беа во првиот дел прашање е дали толку високо ќе стигнеа.

Ако анализираме, оваа генерација на Хрватска, која ќе биде најмалку втора, а дај боже да бидат и прваци, не може да се мери по квалитет со селекцијата од 1998 година, а таа пазете заврши трета. Зошто? Не може да се мери Манџукиќ со Шукер или Ребиќ со Бокшиќ како и цел среден ред со исклучок на Модриќ со Просинечки, Бобан, Асановиќ. Од фудбалски аспект, таа Хрватска од 1998 година делуваше многу помоќно. Што покажува ова? Одамна говорам дека фудбалот квалитативно паѓа. Најдобар доказ за тоа е што никој нема да запамети моќна селекција на ова СП, освен можеби Франција и Белгија, која, пак, според мене одигра и најдобро на овој Мундијал.

Очигледно е дека се менува фудбалот и тоа е добро за помалку атрактивните екипи, кои со добра мотивација, добра подготовка и нормално добра игра, може да стигнат до големи висини како што тоа го направи Хрватска. Јас очекувам тој што ќе биде светски првак навистина да биде моќен тим, да има екстра играчи, едноставно – да везе, да гази! Мислам дека фудбалот оди во негативна насока.

Франција ја победи Белгија со 1-0 и тоа што го најавив дека Франција е дефанзивно посилна од Белгија се оствари. „Триколорите“ дефанзивно се посилни и тоа се виде на самиот меч. Имаше дури и изјави по мечот дека Франција оди во финале, но не била ништо подобра и јас се согласувам со тоа. Белгија одигра доста добро, се трудеше да изедначи, но во вакви мечеви многу често еден момент решава. Франција го даде тој гол од корнер и после беше тешко Белгијците да ги пробијат. Франција во еден момент играше и тотален бункер, сите играчи се враќаа назад. Белгија според мене играше најдобар фудбал на ова СП, беше многу блиску да го оствари сонот и да стане светски првак, ама...

Франција е селекција која игра на контри, прекини, индивидуални акции, па тоа што Жиру нема шут во рамките на голот е доказ за тоа. Гол-играчот се снаоѓа во екипа, која гаи добра игра, преку која влегува во шанси, а на него е дали ќе ги искористи. Франција нема таква игра за Жиру. Па и еден Гризман е напаѓач, а се враќа до центар. И што да прави Жиру, кога нема ни центаршут, ни акција за него... Но, тој се труди, добар е во скок, игра и дефанзива...

Мбапе веќе е светска ѕвезда, иако уште малку ќе полни 20 години. Веќе е на ниво на многу големи играчи, како ќе расте ќе биде уште подобар. Ако јас се прашувам, на ова СП има само тројца кандидати за наградата најдобар играч на Мундијалот, а тоа се Килијан Мбапе (Франција), Еден Азар (Белгија) и Лука Модриќ (Хрватска). Други кандидати не гледам!