Падна првата селекторска „глава“ по елиминација од Светското првенство

Стив Кларк поднесе оставка од функцијата селектор на Шкотска откако беше потврдено испаѓањето на неговата репрезентација од Светското првенство.

Шкотска ја заврши групата Ц со три бода, што не беше доволно за пласман меѓу првите осум третопласирани репрезентации. Конечниот исход дојде по победата на Хрватска од 2-1 над Гана, која математички ја елиминираше Шкотска од нокаут фазата.

„Најемотивниот дел од ова збогување е за моите играчи, без кои ниту едно од сеќавањата што ги создадовме од 2019 година не би било можно. Тие заслужуваат секаква пофалба и беше вистинско задоволство да бидам нивен менаџер. Ви благодарам што ме имавте и среќно на мојот наследник“, рече Кларк во прошталното писмо до навивачите.

Кларк ја презеде чело на Шкотска во 2019 година и влезе во историјата како селектор што ја врати на големите натпреварувања. Под негово водство, Шкотланѓаните се пласираа на Европското првенство, првиот голем турнир по 23 години (ЕУРО 2020 поради корона вирусот се одржа во 2021 година), потоа континенталниот шампионат во 2024, како и Светското првенство во 2026 година, првото за Шкотска од 1998 година.

Пред националниот тим, тој ги водеше ВБА, Рединг и Килмарнок, со кои постигна особено значаен резултат во шкотскиот фудбал. Како играч, Кларк остави најдлабока трага во Челси, каде што играше повеќе од десет години и освои неколку трофеи.

Сепак, проклетството на Шкотска на Светското првенство продолжи. Оваа репрезентација во својот деветти настап на Светското првенство, не се квалификуваше во нокаут фазата. Со тоа, таа дополнително го продолжи озлогласениот рекорд на националниот тим што играше најмногу пати на светските првенства, без никогаш да ја помине првата фаза.

Кларк е прв селектор кој си поднесе оставка по елиминацијата на неговата репрезентација на актуелното Светско првеснтво. Сабри Ламуши претходно доби отказ од клупаата на туниската селекција, но уште по поразот од Шведска во првото коло.