Oва е најдобриот стрелец на У-17 Африканскиот куп на Нации, има 14 години

Младинската репрезентација на Танзанија до 17 години го освои Африканскиот куп на нации, откако во финалето ја совлада селекцијата на Сенегал. Сепак, по завршувањето на турнирот во центарот на вниманието се најде најдобриот стрелец на шампионатот, Дисмас Атанаси.

Атанаси со три постигнати голови ја понесе титулата најдобар стрелец на турнирот, но веднаш по неговите настапи на социјалните мрежи се отвори дебата околу неговата возраст.

Според официјалните податоци, тој е роден на 26 декември 2011 година, што значи дека има 14 години. Сепак, многумина коментираат дека на фотографиите изгледа значително повозрасно и се сомневаат дека навистина е толку млад.

Танзанија до шампионскиот трофеј стигна по драматичен пат, бидејќи сите натпревари во нокаут-фазата ги доби по изведување пенали. На патот до титулата ги елиминираше Алжир, Египет и Сенегал, откако претходно го освои првото место во групата пред селекциите на Мали, Мозамбик и Ангола.

Најголем придонес Атанаси даде во четвртфиналето против Алжир, кога со два гола го одведе натпреварот до пенал-рулетот, а беше стрелец и на мечот против Мозамбик во групната фаза. Неговите настапи му ја донесоа наградата за најдобар голгетер на турнирот, но и бројни реакции поради неговиот изглед и возраста наведена во официјалните документи.