Оригиналниот ФИФА-трофеј наменет за светскиот првак доаѓа во – Скопје!

Скапоцениот трофеј наменет за најдобрата репрезентација на Светското првенство (СП), кое кон крајот на годинава ќе се одржи во Катар, за нешто помалку од две недели ќе „гостува“ во Скопје и ќе биде достапен за одреден број фудбалски фанови да го видат и допрат во живо.

Пехарот што се доделува на официјалната церемонија при прогласување на мундијалскиот победник во македонската престолнина ќе допатува заедно со амбасадорот на ФИФА, бразилската легенда Жилберто Силва, а во рамки на светската турнеја организирана од „Кока Кола“. Станува збор за поранешен фудбалер на Арсенал, зад кого се настапи на три Мундијали (2002, 2006 и 2010) и една титула светски првак во 2002 година, кој на скопјани ќе им го презентира најскапото нешто што може да се освои во фудбалот.

Промоцијата на ФИФА-трофејот ќе се одржи во 54 фудбалски нации, во склоп на сите конфедерации, почнувајќи од Дубаи преку Скопје до Буенос Аирес. Можноста за македонските фанови да се најдат „очи во очи“ со пехарот изработен од чисто злато, кој почнал да се доделува во 1974 година откако Бразил четири години претходно дојде до правото на сопственост на претходниот трофеј „Жил Риме“ по третата мундијалска победа во историјата, ќе се случи на 21 мај во „Пивара Скопје“.

Претходно, сите заинтересирани ќе треба да аплицираат преку веб-страницата на „Кола-кола“, по што најсреќните ќе бидат одредени по случаен избор.