Официјално: Првиот клупски Мундијал со 24 екипи ќе се игра во Кина!

Тоа што беше јасно и од претходно најавено, првиот клупски Мундијал со 24 екипи ќе се игра во најмногубројната земја на светот Кина, откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Шангај на Советот на организацијата донесе таква одлука.

Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино направи голема промена со клупското СП, кое се игра секоја година помеѓу континенталните шампионати, па сега клупскиот Мундијал ќе биде вистинско СП со 24 екипи и ќе се игра на четири години. ФИФА на Советот си даде рок дополнително да се консултира со шесте конфедерации за учесниците на шампионатот, додека со кинеската федерација да се договрат за местата и стадионите на кои ќе се игра овој нов фудбалски фестивал.

Не е ни чудо зошто Кина е избрана, сооглед дека земјата е збудалена по фудбал, а огромниот пазар од преку една ипол милијарда луѓе е шанса за голема заработувачка на светската организација.

ФИФА објави дека наскоро ќе се одреди моделот за бројот на учесниците, но од поодамна е најавено дека Европа ќе даде осум од 24 екипи и тоа финалистите од последните четири изданија во Лигата на шампионите, а ако има помал број на клубови (Реал Мадрид трипати по ред беше првак), тогаш ќе се бираат останатите веројатно по рејтингот.

СП за клубови треба да се игра во непарни години, а овој прв клупски Мундијал е закажан за јуни и јули 2021 година.