Фиорентина не го дава Амрабат, Мароканецот сака трансфер, менаџерите - притискаат!

Барселона се обидува по секоја цена на последниот ден од преодниот рок да дојде до потписот на мароканската ѕвезда Софијан Амрабат, но Фиорентина не прифаќа да го даде, па вистински хаос е во Фиренца во последните часови од овој трансфер преоден рок.

Барселона сака да го позајми Амрабат до крајот на сезоната со опција да го откупи за 40 милиони евра и за заемоткаталонците сакаат да платат 3-4 милиони евра, со откуп на крајот на сезоната, ама ваквата понуда била одбиена од Фиорентина.

Виолетовите инсистираат да го задржат Мароканецот до крајот на сезоната, а тогаш ќе го продадат во голем клуб. Но, Мароканецот денеска имал средба со највисокото раководство околу трансферот и воопшто не бил на тренинг подгревајќи ги надежите дека можно е на крајот на овој преоден рок сепак да се случи трансфер.

Но, од Италија дојде објаснување дека клубот решил да го заштити со изоставувањето за следниот меч, зашто Амрабат под ваквиот притисок за трансфер не е доволно сконцентриран на фудбалот.

Од друга страна, менаџерите притискаат за да се реализира трансферот и најавиле дека до последна минута ќе се обидат да издејствуваат заминување, иако „виолетовите“ се цврсти на ставот дека Мароканецот во моментов не се продава.