Нови детали: Венгер може да има сериозна поддршка во битката со Инфантино!
Како што објавува „Би-Би-Си“, поранешниот тренер на Арсенал има поддржувачи меѓу влијателните луѓе во европскиот фудбал, кои веќе извесен период се обидуваат да го убедат да влезе во трката. Можна е и поддршка од УЕФА, иако европската куќа на фудбалот засега официјално не застанала зад неговата евентуална кандидатура.
Венгер од 2019 година е дел од ФИФА, каде што ја извршува функцијата директор за глобален развој на фудбалот. Токму затоа негов евентуален дуел со Инфантино би бил особено интересен, со оглед на фактот дека актуелниот претседател лично го доведе во организацијата.
Во позадина на целата приказна се и сè позатегнатите односи меѓу ФИФА и УЕФА. Спорниот проект „ФИФА Форвард Ентерпрајз“, со кој се планираше вклучување приватни инвеститори во комерцијалните активности поврзани со Мундијалот, предизвика сериозни реакции и на крајот беше повлечен.
УЕФА побарала од ФИФА одговори на 42 прашања за начинот на управување и носење одлуки, додека Венгер се огради од проектот, тврдејќи дека не учествувал во неговата подготовка.
Сепак, патот до претседателската функција нема да биде лесен. Инфантино и натаму важи за фаворит, пред сè поради силната поддршка во Африка, Азија и Јужна Америка.
Рокот за потврдување на кандидатурите е 18 ноември, додека изборите за претседател на ФИФА ќе се одржат во март 2027 година.