Низа која почна во 1958 треба да заврши со светска титула за – Хрватска (ФОТО)

Хрватска и Франција ќе се соочат во неделното мундијалско финале (17 часот) на московски „Лужники“ во битката за „божицата“ и светска слава во следните четири години. За Франција ова е трето финале (победија во 1998, загубија во 2006), додека Хрватска веќе го направи најголемиот успех и ги надмина „бронзените“ од пред две децении со самиот пласман во финалето.

Но, една интересна низа и традиција објавија аргентински медиуми потенцирајќи дека ако се запази редот на нештата и таа традиција, оваа 2018 година треба да заврши во знакот на Хрватска. Многумина ќе се запрашаат зошто, ама од 1958 година наваму, светот секојапт на две децении добива по еден нов светски шампион.

Откако Уругвај и Италија ги освоија првите четири светски круни (Уругвај една, а Италија две пред Втората светска војна, па Уругвај повторно во Бразил во 1950), најтрофејната нација Бразил до својата прва шампионска титула дојде во 1958 година. Тогаш се роди Пеле, по што „кариоките“ осум години по болниот пораз на домашното СП в 1950 се израдуваа на титула, а во следните три освоија уште две круни благодарение на виртоузот Пеле (1962 и 1970).

Цели две децении по првата титула на Бразил во историјата, на ред дојде Аргентина. Големиот ривал на Бразилците беше домаќин во 1978 година и предводени од Марио Кемпес стигнаа до првата од двете шампионски круни (втората ја освоија со Диего Марадона во 1986). И повторно се чекаше нов европски првак две децении, сè до СП во Фрација во 1998, кога „триколорите“ го искористија домашниот терен за да ја освојат првата и засега единствена светска круна по победата со 3-0 во финалето со Бразил.

Сега, ако се следи оваа низа, би требало Хрватска да се радува, а светот да го добие деветтиот светски првак во историјата. Но, вакви низи и традиции се само храна за суеверните навивачи. Дали Хрватска ќе се запише во историјата или Фрација ќе освои втора светска титула и ќе им се придружи на Аргентина и Уругвај на вечната листа, одговор ќе дадат фудбалерите на двете селекции утре.