Нигерија го потопи Исланд и ја остави Аргентина во живот! (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентција на Нигерија ја забележа првата победа на Светското првенство во Русија, откако денеска го совлада Исланд со 2-0.

Нигеријците одиграа одличен натпревар, особено во вториот дел кога и воедно ги постигнаа двата гола преку Ахмед Муса, и со освоените три бода имаат изгледни шанси за пласман во осминафиналето.

Исланд важеше за благ фаворит на овој натпревар, особено поради настапот во првото коло против Аргентина и освоениот бод против селекцијата која важи за еден од главните фаворити за титулата, но вечерва „рибарите“ потклекнаа.

Нигерија со дисциплинирана и трпелива игра мудро ја чекаше својата шанса и ја дочека во вториот дел преку Ахмед Муса, кој успеа двапати да ја затресе противничката мрежа и да ѝ го трасира патот на својата репрезентација до победа.

Во 80-та минута Исланд можеше да се врати во игра барем за бод од мечот, кога Метју Конгер, главниот арбитар мораше да се увери по прегледувањето на снимките дека постои прекршок за најстрога казна, прекршок кој го направи Ебуехи, но ниту ударот од белата точка не донесе ништо ново на резултатски план.

Пред последното коло во групата Хрватска е сигурен осминафиналист со 6 бода, Нигерија има три бода, а Исланд и Аргентина имаа по еден бод. Во последното коло се среќаваат Хрватска - Исланд, односно Нигерија – Аргентина.