Минатата сезона освои европски трофеј, а сега ќе води тим во втора лига

Трофејниот австриски тренер Оливер Гласнер, кој на крајот од минатата сезона со освојувањето на Лигата на конференции го заврши успешниот мандат во Кристал палас, ќе биде нов шеф на стручниот штаб на Нотингем.

Витор Переира не успеа да избори опстанок, па така во Нотингем одлучија и петти пат да го сменат тренерот во една година. 

Гласнер по освојувањето на Лигата на конференции, само 12 месеци откако со Кристал палас го освои и ФА купот, беше мета на интерес од повеќе клубови, а преселбата во Нотингем кој ќе го води во Чемпионшип е до некаде изненадување.

Но, сепак треба да се потсети и дека станува збор за поранешен европски шампион и клуб чија сопственичка структура гарантира буџет за создавање квалитетен тим.

Доаѓањето на Гласнер е само потврда за високите амбиции на грчкиот сопственик Евангелос Маринакис во англискиот фудбал, откако пред две сезони Нотингем избори пласман на европската сцена.