Меси не даде гол, но два пати асистираше – Интер Мајами отвори со победа (ВИДЕО)

Екипата на Интер Мајами со триумф го почна својот овогодишен настап во Лига купот, северноамериканско натпреварување во кое учествуваат екипи од САД, Мексико и Канада.

На домашен терен, тимот од Флорида славеше со 2-1 против мексиканскиот Атлас и им се врати на победите откако во текот на викендот одигра без голови со Синсинати. Во составот повторно беше Лионел Меси кој поради суспензија не играше против Синсинати, Аргентинецот не постигна гол, но асистираше за двата на неговиот тим.

Сите три гола беа постигнати во второто полувреме, отвори Сеговија во 58. Минута, гостите израмнија во 80. преку Лозано, а драматична победа на Интер Мајами му донесе Вејгант во шестата минута од судиското продолжение.

На овој меч дебитираше новото засилување на Интер Мајами, аргентинскиот репрезентативец Родриго де Пол. На 2 август Интер го игра вториот меч од ова натпреварување, против Некакса, повторно на домашен терен.