Романците пристигнаа во Македонија без натурализиран кошаркар

Кошаркарската репрезентација на Романиија денеска пристигна во земјава, пред утрешниот натпревар против Македонија, во првото коло од претквалификациите за Светското првенство.

Во овој циклус, Романците ќе настапат исклучиво со домашни кошаркари бидејќи на пат кон Скопје, а потоа и Куманово тргнаа 14-мина, без натурализиран играч. Селекторот Михаил Силвашан ги избра следните кошаркари: Лукас Тохатан, Драгош Дикулеску, Драгош Лунгу, Бобе Николеску, Михаи Мачјука, Амадео Касале, Штефан Грасу, Емилијан К'це, Рареш Уца, Тудор Георге, Богдан Попа, Тудор Сомаческу, Кристијан Ницу и Нандор Кути. Финалните 12 ќе бидат одредени вечерва, по тренингот на романската репрезентација.

До претходните квалификации, селекторот сметаше на американскиот интернационалец со романски пасош Кристофер Ричардс, но тој нема да биде во комбинација за утрешниот натпревар и воопшто за овој циклус.

Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра утре од 20 часот во Куманово и со него почнуваат вториот дел од претквалификациите во групата Б од европската зона.