Меси и другарите едвај ја скршија Швајцарија – по продолженија до полуфинале на СП (ВИДЕО)

Селекцијата на Аргентина продолжува да сонува нова светска титула, откако ноќеска, по голема борба и продолженија, ја совлада Швајцарија (3-1) и обезбеди полуфиналето на СП 2026, каде ги очекува пресметка со Англија.

Трет натпревар по ред избраниците на аргентинскиот селектор тешко доаѓаа до победата, но уште еднаш покажаа карактер во елиминациската фаза и останаа во игра за мундијалската круна. „Гаучосите“ поведоа уште во 10. минута, кога Алексис Мек Алистер со удар со глава ја затресе мрежата по корнерот на Лионел Меси. Со ова додавање, аргентинскиот капитен испиша историја и стана првиот фудбалер со десет асистенции на светските првенства.

Швајцарците успеаја да се вратат во игра во 67. минута преку Дан Ндоје, кој ја искористи асистенцијата на Рикардо Родригез и го израмни резултатот. Клучниот момент се случи само пет минути подоцна. Брел Емболо доби втор жолт картон по интервенција на ВАР, кој процени дека швајцарскиот напаѓач симулирал. Одлуката предизвика бурни реакции, бидејќи швајцарскиот табор тврдеше дека првиот жолт картон бил погрешно доделен.

Со играч повеќе, Аргентина целосно ја презеде иницијативата, но не успеа да го скрши отпорот на противникот во регуларниот дел, па победникот се решаваше во продолженијата. Херој на „гаучосите“ беше Хулијан Алварез, кој во 112. минута со одличен удар од далечина донесе водство од 2-1. Конечните 3-1 ги постави Лаутаро Мартинез во последната минута од второто продолжение, крунисувајќи брза контра на аргентинската селекција.

Полуфиналниот спектакл меѓу Аргентина и Англија е закажан за в среда 21 часот, а ден претходно силите ќе ги одмерат Шпанија и Франција. Аргентинците бркаат одбрана на титулата, нешто што не се случило уште од 1962 година.

ФОТО: X / @nico_taglia