Белингам е херојот - Англичаните ја продолжуваат борбата за светската титула (ВИДЕО)
Некој ќе каже незаслужено, со оглед на тоа што беше во подредена улога цело второ полувреме, но англиската селекција ја оствари првата цел - да стигне меѓу четирите најдобри каде што последен пат беше во 2018 година. Херој на островјаните е фудбалерот на Џуд Белингам кој ја потврди одличната игра на овој Мундијал со два постигнати гола, оставајќи ги во сенка првите ѕвезди на натпреварот - Хари Кејн и Ерлинг Халанд кои останаа без муниција.
По јаловата иницијатива на Англија на почетокот, првиот удар на натпреварот го зададе Норвешка која поведе преку Шјелдруп во 36. минута. Неговиот обид за шут или центаршут од левата страна заврши во стативата, па во мрежата на Пикфорд, а со тоа ги остави подзинати бројните англиски навивачи на Хард Рок стадионот во Мајами. За нивна среќа, Белингам се појави во судиското продолжение, искористи едно додавање на Гордон и од 7-8 метри го израмни резултатот.
Којзнае како ќе се одвиваше натпреварот ако во 55. минута не беше поништен голот на Хегем, а поради претходен прекршок на Халанд. Норвешка не застана тука, доминираше цело второ полувреме, создаде неколку шанси, ја погоди и пречката, но не успеа да ги круниса со гол. Натпреварот отиде во продолжение, а Белингам го реши по само две минути игра. Роџерс шутираше од далечина, Ниланд несмасно интервенираше, топката се одби до фудбалерот на Реал кој го постави конечниот резултат. Неочекувано, на почетокот од второто продолжение, норвешкиот селектор Стале Солбакен го извади од игра Халанд, а без својот најдобар стрелец, „викинзите“ беа немоќни да дојдат до победата.
Во полуфиналето, Англија ќе игра со подобриот од мечот меѓу Аргентина и Швајцарија кој се игра од 3 часот по полноќ.