Успех на кариерата за Носкова, првпат го освои Вимблдон!

Младата чешка тенисерка Линда Носкова го оствари најголемиот успех во кариерата, откако во големото финале на Вимблдон ја совлада сонародничката Каролина Мухова со 2-1 во сетови (6-2, 5-7, 6-3).

Во меч кој траеше два часа и 29 минути, Носкова одигра одлично и успеа да се извлече од тешка ситуација за на крајот да стигне до историската победа. Од самиот почеток беше јасно дека има голема самодоверба и со агресивна игра и длабоки удари изврши силен притисок врз сервисот на Мухова.

Првиот сет заврши за само 32 минути со убедливи 6-2 за Носкова, бидејќи Мухова едноставно немаше одговор за одличните ритерни на својата противничка.

Во вториот сет се очекуваше искусната Мухова да возврати, но Носкова не забави. Брзо стигна до предност од 5-2 и изгледаше дека има сè под контрола. Сепак, Мухова покажа карактер и успеа да се врати во мечот. Прво спаси три меч-топки, а при резултат 5-3 ја искористи дури седмата брејк топка и го врати загубениот сервис.

Драмата продолжи и во следниот гем, кога Мухова спаси уште една меч-топка, а потоа израмни на 5-5. Во налетот освои пет гема по ред и го доби вториот сет со 7-5.

Кога се очекуваше целосен пресврт и пад на Носкова во решавачкиот сет, младата Чехинка покажа сила. Направи брејк во вториот гем и овојпат сигурно ја задржа предноста до крајот, славејќи со 6-3.

За Носкова ова беше и прв грен-слем трофеј во нејзината кариера.