Меси даде ретко виден гол - под трибината со неговото име (ВИДЕО)

Лионел Меси продолжува да воодушевува и на 38 години – Аргентинецот повторно беше во центарот на вниманието, постигнувајќи гол во ремито на Интер Мајами против Остин (2-2), во рамки на МЛС.

Ова беше шести гол за Меси во само седум настапи сезонава, но овој погодок има посебна тежина од неколку причини. Прво, тоа е историски – првиот гол за Интер Мајами на новиот стадион „Ну Стадиум“, модерен комплекс вреден околу милијарда долари и со капацитет од 26.700 гледачи. Второ, Меси стрелаше токму под трибината што го носи неговото име – „Лео Меси“. И трето – можеби најнеобично – голот го постигна со глава! За фудбалер висок 170 сантиметри, тоа е вистинска реткост. Ова беше само негов 31-ви погодок со глава во кариерата.

Аргентинецот со овој погодок стигна до неверојатни 903 голови во кариерата. Тој повторно е топ тема во светскиот фудбал, бидејќи сè погласни се шпекулациите дека би можел да го пропушти претстојното СП 2026 на кое ќе го брани трофејот. Легендарниот напаѓач досега има 198 настапи и 116 голови за националниот тим.

ФОТО: X / InterMiamiCF