Лапорта жестоко удри: Цело време се фаворизира еден клуб, кој постојано се жали!

Барселона изминатиот викенд славеше победа над Елче од 3-1 во рамките од 22. коло, а сега првиот човек на каталонскиот гигант одново зборуваше за судењето и обвини дека нивниот најголем ривал добива помош од арбитрите.

Причина за реакцијата на Лапорта беа ситуациите на натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Рајо Ваљекано кој „кралевите“ го добија 2-1 со гол од пенал во 100-тата минута.

„Го гледав натпреварот не знам од каде имаше десет минути судиско продолжение. Во многу ситуации фудбалерите без потреба паѓаа и требаше да добијат жолт картон. Пеналот воопшто не требаше да биде досуден, фудбалерот кој падна не беше удрен, тоа беше премногу. Се фаворизира еден клуб кој преку телевизиската програма постојано врши пртисок и зборува дека тие се оштетени, а се случува спротивното“, изјави Лапорта.

По 22 кола на табелата Барселона е лидер со 55 бода, Реал има 54, трет е Атлетико со 45.