Како се родија „ножичките“ - велемајсторија која воодушевува повеќе од еден век (ВИДЕО)

Велемајсторијата на најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо вчеравечер против Јувентус, кога со ножички постигна гол и ги собра сите аплаузи и воодушевувања за потегот уште долго ќе прераскажува. Роналдо дефинитивно го постигна својот највеличенствен гол, исто како што македонскиот талент Јани Атанасов една недела претходно го постигна најубавиот гол во македонската фудбалска историја (против Англија за селекцијата до 19 години).

Ножичките се фудбалска мајсторија која ги засенува сите антологиски голови, волеи, бомби, лобови, погодоци од центар, мајсторски дриблинзи... Роналдо влезе во друштвото на еден куп светски ѕвезди кои успеале да постигнат вака атрактивен гол. Во големото друштво на велемајстории влезе и Јани Атанасов, но малкумина знаат дека ножичките првпат се појавиле во фудбалот пред – 104 години.

Човекот кој ги измислил ножичките се вика Рамон Унзага Асла, Баскиец, роден во 1894 година. Унзага, инаку бил Чилеанец, откако со родителите се преселил во оваа јужноамериканска земја и иако не играл многу фудбал, а живеел само 29 години (починал на 31 август 1923 година), тој прв го извел најпопуларниот удар. Се случило во 1914 година. Тој покрај фудбалот, се бавел и со атлетика, а потегот го направил на стадионот „Ел Моро“ во Таликахуана. Не постигнал гол, но сите присутни ги оставил – без здив.

„Тело во воздух, па на земја, ја шутна топката назаечки, а со нозете имитирал ножички“, вака било објаснувањето за неверојатниот потег, дотогаш невиден.

Потегот на Унзага бил наречен прво „Ла Чореа“, а потоа го добил името - „чилена“. Логично, потегот не бил овековечен преку фотографија како денеска, но останува сведоштвото на присутните дека фудбалската мајсторија се појавила пред повеќе од еден век.

Сепак, дилемата кој е основоположник на оваа велемајсторија и понатаму трае. Во Перу, исто така јужноамериканска држава, ножичките ги викаат „чалака“, а Перуанците тврдат дека тие го измислиле овој потег. Наводно, „чалака“ ја измислиле во пристаништето Калао, каде што фудбал играле локални жители и британски морнари. Долго време после тоа, ножичките во Јужна Америка многу повеќе ги викале „чалака“ од „чилена“, па овој перуански назив го користеле и во Боливија и во Панама. Сепак, нема точно датум дали таквите потези се случиле пред тој на Унзага или потоа, па оттаму и дилемите кој ги измислил прв.

Во најфудбалската земја на светот, Бразил, петкратниот светски првак во фудбал, ножичките првпат се појавиле во 1932 година. Дело биле на Леонидас да Силва. Бразилците потегот го нарекле „бициклета“ и така го викаат и до денеска.

Во Италија, приказната за ножичките почнува со името на Карло Пароло, кој потоа станал еден од најдобрите фудбалери во својата ера. Тој имал 18 години во 1939 година кога во дресот на Јувентус против Фиорентина постигнал гол кој вечно се памети. Потегот бил наречен „ровеската“, а тој потег станал еднакво популарен како и – пицата. Колку „ровескатата“ била популарна во Италија, најдобро говори и податокот дека логото на најпопуларниот албум за колекционери „Панини“ го има во своето лого. „Панини“ издава албуми со сликички од СП во Мексико во 1970 година и сликичките станаа екстремно популарни.

Иако ножичките се најатрактивниот фудбалски потег, има тренери кои не се воодушевуваат на вакви погодоци. Најголемо име кое воопшто не се воодушевувал на ваквите велемајстории е Италијанецот Ариго Саки. Човекот кој со Милан ја освојуваше Европа, своевремено истакнувал дека „ножичките се плод на грешка на фудбалерот, затоа што претходно не се поставил добро, па сега мора да ги исправа грешките“.

Сè на сѐ, ножичките биле и останале важен дел од фудбалското минато, сегашност и иднина, а ваквите потези секогаш ќе ги воодушевуваат фудбалските фанатици, како што тоа вчера го направи Роналдо.

Низ историјата се постигнати еден куп вакви голови со ножички, ова се само мал дел од мајсториите, а нормално го вметнавме и потегот на нашиот Атанасов.