Јаневски промовиран за помошник на Јужна Африка, но ќе ја води „Бафана Бафана“ за три дена (ФОТО)

Бившиот македонски селектор Чедомир Јаневски се фати за работа во Јужна Африка, чиј помошник селектор е од неодамна, па денеска официјално беше промовиран во подготовката на „Бафана Бафана“ за пријателскиот меч со Уганда за три дена.

Јаневски доаѓа во Јужна Африка да му биде прв соработник на новиот селектор Хуго Брос, но македонската легенда ќе го води мечот, зашто селекторот е во Белгија во исчекување на ревакцинацијата против коронавирус.

„Ова е крај на сезона, последните мечеви завршија минатиот викенд, па нормално требаше да имаме повеќе време за подготовки, но тука не станува збор само за физичко-тактички подготовки, туку за поврзување, подобро запознавање. Се надевам дека пред септемвриските квалификации ќе имаме повеќе време“, рече Јаневски.

Брос уште пред враќање во Белгија ги избра фудбалерите, а селекцијата е подмладена, но ќе недостигаат двајца, Перси Тау и Тебохо Мокоена, кои се позитивни на коронавирус.

Јаневски во овој пролетен дел од сезоната беше тренер на Олимпијакос Никозија во Кипар, кој го однесе до финале во националниот куп, а историски првпат и во плејофот за првак. Легендарниот фудбалер е поранешен фудбалер и тренер на Вардар, а беше тренер и во Бриж, помошник во Олимпијакос, тренер на Ц. Звезда и на уште неколку белгиски прволигаши.