Израелски национализам: Смени го името, па може да потпишеш за нас!

Ако Атлетик Билбао е клуб во кој постојат правила да играат само родени Баскијци или фудбалери од оваа шпанска провинција по потекло и овој клуб важи за еден од најнационалистичките во светот, израелски Беитар Ерусалим сепак е ултранационалистички.

Беитар е клуб во кој може да играат Израелци или странски кои имаат христијанска вера. Арапи, муслимани или други фудбалери се непожелни. Ама, врв на сѐ е циркузот што се случи со нигериски фудбалер и тоа само поради името, клубот не го ангажира.

Тимот од Ерусалим сакал да го ангажира Нигериецот Али Мухамед, откако дознале дека овој фудбалер е христијанин. Но, последен збор имале навивачите. Мухамед никако не смее да дојде, освен ако не направи една работа – да си го смени името.

„После детална истрага на идентитетот на фудбалерот, ние немаме проблем да дојде. Тој е христијанин, ама сега условот е – нека го смени името. На нашиот стадион никогаш нема да се слушне името Мухамед“, објавиле навивачите.

Како што стојат работите, Али Мухамед нема ни да дојде во Беитар, а фудбалерот патем добивал и смртни закани.

Инаку овој клуб во минатата година се најде во центар на вниманието во светската јавност откако го смени своето име во Беитар Трамп Ерусалим, во чест на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Доналд Трамп напиша историја и затоа во негова чест се прекрстивме во Беитар Трамп Ерусалим. Седум децении Ерусалим чекаше меѓународно признавање, а Трамп со храбар потег го направи главен град на Израел. На Ерусалим му го даде законскиот статус“, објавија тогаш и навивачите и клубот.