Ивица Осим објасни што е разликата меѓу Хрватска и останатите Екс-Ју земји!

Успехот на Хрватска на Светското првенство во Русија е привлечен предмет за многу анализи и мудрувања, особено за земјите во нејзиното географско опкружување, како Македонија. Сите можат да научат од некогашната југословенска република, а легендарниот Ивица Осим го кажа својот став, зошто Хрватска е таму каде што е, а не и останатите републики.

Ивица Осим имаше улога на аналитичар на една хрватска телевизија, па пропушти да каже големи комплименти за Хрватите и да го соопшти својот одговор за тајната на хрватскиот успех.

„Хрватска имаше подобри контакти со Западот, таму повеќе научи. Посебно нејзините играчи кои таму работат, со нив е полесно да играте и да работите. Зад Хрватска стои полно работа и талент, имаат неколку извонредни играчи и добро ја искористија политичката ситуација на Балканот. Се што им оди во прилог го искористија на еден мудар начин. Од некогашните непријатели си правеа пријатели“, смета Осим.

Тој беше тренер на репрезентацијата на Југославија на СП 1990, а доаѓа од Босна и Херцеговина. Самокритично и отворено ѝ порача и на неговата земја и на останатите дека мора да учат од Хрватска, ако сакаат да постигнат барем сличен успех. Тој има и теорија зошто само Хрватите се успешни, а не и Србите на пример, кои исто така играа на ова СП.

„За разлика од останатите Југословени, Хрватите знаат подобро да ги поднесат и успесите и неуспесите. Тие многу научија, а ние останатите се правиме дека знаеме сè и не сакаме да учиме. Поради тоа сите останати поранешни држави на Југославија треба да бидат паметни и да извлечат поука од Хрватска. Треба да прифатат дека некој нешто работи подобро. Тоа е најдобриот пат – да имате некого за пример. Затоа е Хрватска во финалето, а Србија не е. Останатите треба да бидат паметни и да го искористат искуството на Хрватска“, додаде Осим.