Историска најава: Роналдо би можел да заигра со својот син во дресот на Ал Наср!

Кристијано Роналдо (41) би можел да испише нова страница во фудбалската историја, откако неговиот син Кристијано јуниор е на чекор од влез во сениорскиот тим на Ал Наср.

Саудискиот клуб сериозно размислува 15-годишниот талент веќе следната сезона да го приклучи на првиот тим. Тоа би значело дека таткото и синот би можеле да играат заедно – нешто што ретко се гледа на највисоко ниво. Младиот Роналдо веќе го гради својот пат низ елитни академии – од Реал Мадрид, преку Јувентус до Манчестер Јунајтед, следејќи ја кариерата на татко му.

Неговите бројки се импресивни – 58 гола во 23 натпревари за младинците на Јувентус, а формата ја продолжи и во Саудиска Арабија со 56 погодоци во 27 меча. Потенцијалот е очигледен, но скокот во сениорски фудбал би бил огромен предизвик. Клубот ќе донесе конечна одлука по крајот на сезоната, проценувајќи дали е подготвен за физичките и тактичките барања на саудиската елита. Доколку се реализира овој потег, Роналдо ќе им се приклучи на легендите какоХенрик Ларсон и Ривалдо, кои исто така играле заедно со своите синови.

И покрај турбуленциите надвор од теренот, Ал-Наср има осум бода предност на врвот, а Роналдо и на повеќе од 40 години останува клучна фигура. Неговиот договор истекува за една година, па ваквиот потег може да биде и обид клубот да го задржи задоволен. Во исто време, Португалецот е во трка за неверојатен рекорд – му недостигаат уште 31 гол до бројката од 1.000 во кариерата. Летово се очекува да ја предводи репрезентацијата на Португалија на ново СП.