Историја за С. Арабија: Ал Хилал ќе игра финале на СП за клубови! (ВИДЕО)

Ал Хилал испиша историја за фудбалот во Саудиска Арабија, откако обезбеди финале на Светското клупско првенство во Мароко со денешната победа во првото полуфинале против славниот бразилски Фламенго, триумфирајќи со 3-2, па утре ќе го дознае ривалот во битката за светската круна со пресметката на Реал Мадрид и египетски Ал Ахли.

Шести пат во историјата финалсната пресметка за светската клупска круна нема да биде лпомеѓу европска и јужноамериканска екипа, а третпат во финале ќе игра азиска екипа, после јапонска Кашима Антлерс во 2016 и Ал Аин од ОАЕ во 2018 година. Досега двапати африканци играле финале, конгоански Мазембе во 2010 и мароканска Раја Казабланка во 2013, а еднаш и УНАЛ Тигрес од Мексико, претставник на Северна и Средна Америка во 2020 година.

Салам Ал Давсари, саудискиот репрезентативец кој на Мундијалот во Катар го урна идниот светски првак Аргентина во сензационалната победа на С. Арабија на стартот со 2-1, вечерва беше играч на мечот со два гола и асистенција во триумфот. Ал Давсари даде два гола од пенал во четвртата и 45+9-та минута, една минута откако Жерсон направи пенал и беше исклучен за два жолти картони. Ал Давсари во 70-та му асистираше на Лукас Вието за да ја завери победата.

Најдобриот играч на Фламенго, Педро даде два гола, во 20-та за израмнување и во 90+1-та минута за доцен кам-бек на великанот од Рио де Жанеиро и јужноамерикански првак.

Ал Хилал во изминатите три изданија на клупскиот Мундијал, двапати завршуваше како четврти.