
Хаосот на Суперкласико е дело на мафијата - одмазда за полициска рација!?
Суперкласико на „Монументал“ требаше да се игра во саботата, но по две пролонгирања беше одложено за в недела во ист термин. Но, мечот воопшто не започна, откако автобусот со фудбалерите на Бока јуниорс беше нападнат, каменуван, а во него фрлен и солзавец, по што неколку фудбалери имаа повреди од скршените стакла, а двајца тешкотии со дишењето поради солзавецот.
Градоначалникот на Буенос Аирес, Хорацио Родригез Ларета, изјави дека зад нападот стои одмазда од озогласените хулигани на Ривер и „мафијашкиот дел“ на басас-бравас на црвено-белите, зашто еден од водачите на групата бил уапсен по една рација. Лидерот на Барас Бравас на Ривер, моќна и насилна групација на навивачите ден пред Суперкласико бил фатен со 300 билети за мечот и со милионска сума на пезоси.
„Проблемот со хулиганите и таа мафијашка организација е проблем кој е веќе 50 години стар. Тие се одговорни за инцидентите. Ова има директна врска со случката еден ден претходно (рацијата – н.з.). Така да 300 луѓе не можеле да влезат на стадионот, па тие се одговорни за сиот хаос што се случи“, вели Ларета.
Озогласената група е една од најмоќните во Аргентина, која преку превласта на трибините има мал „милион“ бенефиции, меѓу кои и препродажба на билети на црниот пазар, од кои има огромна заработувачка.
„Хулиганизмот во Аргентина, тоа не е само страст, тоа е – бизнис. Билетите на црниот пазар се продаваат по ненормални цени. Очигледно е дека тоа што имало заплена на билети, предизвикало голем револт, зашто големи пари биле во игра. Затоа и целиот хаос на улиците пред мечот“, велат добри познавачи на состојбите во Буенос Аирес.
Градоначалникот на аргентинската престолнина најави жестока битка со „мафијашката организација“ во групацијата на навивачи со цел да се стави конечно ред во тоталното безредие во аргентинскиот фудбал. Поради големо насилство веќе четири години на мечевите нема гостински навивачи.