Халилхоџиќ добива клоца, Андре Вилаш Боаш ќе го замени на клупата на Мароко?

Босанската легенда Вахид Халилхоџиќ третпат во својата кариера нема да биде дел од Светско првенство иако обезбедил учество со репрезентацијата која ја предводел, зашто веќе е спремен неговиот отказ, најавија марокански медиуми и веќе е познат и наследникот.

Халилхоџиќ е пред смена поради цврстиот став и инатетот да не ги вика повеќе двете најголеми марокански ѕвезди моментно, Хаким Зијеш од Челси и Нусаир Мазруаи, актуелниот фудбалер на Ајакс кој летово ќе се пресели во Баерн Минхен.

Според информациите на мароканските медиуми, раководството на федерацијата не сака селекцијата да оди без своите два најпознати фудбалери и затоа полесно е да го сменат Халилхоџиќ, а веќе му е најдена замената и сѐ било договорено со Португалецот, Андре Вилаш Боаш.

„Оваа ситуација веќе е неподнослива. Наместо да зборуваат за успесите, сѐ е насочено кон мој отказ. Кампањата што се води против мене е невидена“, рече Халилхоџиќ.

Вилаш Боаш, своевремено беше посочуван како „новиот Мурињо“, но не изгради сјајна кариера како што му се предвидуваше, иако беше тренер на Челси, Тотнем, Порто, Зенит, Марсеј.

Мароко е во група со Белгија, Хрватска и Канада на Мундијалот во Катар кој ќе се одржи на крајот на годинава.