Халанд: Спорните одлуки секогаш одат на страна на големите – тоа го знам од Сити!

Еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Ерлинг Халанд, не го криеше разочарувањето по елиминацијата на Норвешка од СП 2026, алудирајќи дека спорните судиски одлуки биле во корист на Англија (1-2).

Норвежаните беа поразени во четвртфиналето, иако поведоа со голот на Андреас Шјелдеруп во 36. минута. Англичаните направија пресврт со двата погодоци на Џуд Белингем, во 45. и 93. минута. Натпреварот беше проследен со неколку контроверзни моменти. Првиот гол на Англија падна по акција што продолжи иако топката претходно удри во кабелот од камерата над теренот, додека во второто полувреме на Норвешка ѝ беше поништен погодок поради прекршок на Халанд во зачетокот на акцијата.

„Што повеќе да кажам... Да беа некои одлуки во наша корист, можеби ќе беше поинаку. Но, на ова ниво малите детали решаваат. Тоа најдобро го знам од Манчестер сити“, изјави Халанд.

Норвешкиот голгетер потоа испрати порака што многумина ќе ја протолкуваат како критика кон судењето.

„Подобрите репрезентации, а Англија сигурно е една од нив ако се гледа квалитетот на играчите, обично ги добиваат таквите одлуки во своја корист. Така е и во Сити – таму тие одлуки често одат на моја страна. Сепак, горд сум на мојот тим и на сè што направивме на ова Светско првенство. Сега одам на заслужен одмор“, додаде Халанд.

Норвешка со историскиот пласман во четвртфиналето го оствари најголемиот успех во својата историја на Мундијалите.

ФОТО: X / @FabrizioRomano