Гвардиола: Тешко е да играте без најдобриот во светот

Maнчестер сити вечерва во Лигата на шампионите во рамките од 5. коло ќе игра против Феенорд и во редовите на „граѓаните“ се надеваат дека ќе ја прекинат црната серија од пет порази во низа во сите натпреварувања.

Гвардиола за првпат во кариерата се соочува со ситуација во која неговиот тим доживеал пет неуспеси во низа, но Шпанецот верува дека наскоро ќе дојдат подобри денови.

„Кога започна негативната низа на сите им кажав дека моја должност и работа е да го пронајдам излезот од целата ситуација. Очигледно се уште не сум го пронашол вистинскиот пат и продолжувам да го барам. Но, ќе кажам и дека никогаш не сум имал поголема верба во оваа екипа. Брзо ќе се извлечеме, ви го гарантирам тоа. Засилувања во текот на зимата? Кога немаме повреди, апсолутно ништо не ни недостасува“, изјави Гвардиола.

Голем проблем за Манчестер сити направи повредата на Родри кој неодамна беше прогласен и за најдобар фудбалер во светот, а Гвардиола призна дека е тешко да се игра без него.

„Тешко е кога мората да играте без Родри кој е прогласен за најдобар во светот. Имавме и други повреди, а сега надвор од тимот се Ковачиќ и Рубен Дијас. Позицијата не е пријатна, но знам дека наскоро повторно ќе дојде фаза во која ќе победуваме“, изјави шпанскиот стратег.

Во Премиер лигата, Манчестер сити заостанува осум бодови зад Ливерпул против кого ќе игра викендов во Премиер лигата и тоа на гостински терен.