Француските медиуми се воодушевуваат на Хрватска: Кралеви за пресврт и цареви за психа!

Франција ќе се соочи со Хрватска во неделното мундијалско финале за „божицата“ на московскиот фудбалски храм „Лужники“ на 21-то Светско првенство, а откако се комплетираше финалната двојка, француските медиуми со големо воодушевување ја искоментираа новата епска победа на „коцкестите“.

Хрватска третпат во низа одигра фудбал од два часа, но ако Данска и Русија ги мина на пенали, синоќа Англија ја победи по продолженијата со 2-1. Со тоа „коцкестите“ влегоа во историјата, затоа што ниту една селекција на ваков начин, со преку епски и исцрпувачки мечеви не стигнала до финале.

„Англичаните веруваа, Хрватите го направија тоа“, објави „Франс Фудбал“ по историската победа на Хрватска за прво финале на СП на оваа земја.

„Каква страшна психа на Хрватите. Тие се цареви за психа“, додава новинарот на угледниот фудбалски магазин, потенцирајќи дека 20 години по полуфиналето во Париз, повторно ќе се соочарт Франција и Хрватска, но сега во финале.

„Потсетник на 1998“, напиша „Л'Екип“, а останатите спортски медуми потенцираа дека Хрватска е „крал за пресврти“ и веројатно психолошки најстабилна селекција на овој Мундијал.