ФИФА и сѐ е можно: СП 2034 во Саудиска Арабија ќе се игра во - две години!
Саудиска Арабија веќе е потврдена како домаќин на СП 2034, но конечниот термин сè уште не е одреден. Практично е исклучена можноста натпреварите да се играат во традиционалниот летен период, бидејќи температурите во јуни и јули се екстремно високи. Првичниот план бил да се примени моделот од Катар 2022 и Мундијалот да се одржи во ноември и декември. Сепак, ФИФА наиде на нов проблем – во 2034 година празникот Рамазан ќе трае од средината на ноември до средината на декември.
Муслиманите во овој период постат од изгрејсонце до зајдисонце, а секојдневниот живот во Саудиска Арабија значително се менува, што би претставувало сериозен организациски предизвик за домаќините, репрезентациите, навивачите и телевизиските компании. Поради тоа, една од опциите е шампионатот да започне во последната недела од декември 2034 година и да заврши во јануари 2035, додека друга можност е целото натпреварување да се одигра во текот на јануари и првата половина на февруари.
Доколку се реализира било кое од овие сценарија, Мундијалот што официјално ќе го носи името СП 2034 во најголем дел би се играло во - 2035 година, што би било преседан во историјата на најголемото фудбалско натпреварување. Дополнителен проблем за ФИФА е и веќе преполниот меѓународен календар. Зимски термин повторно би ја прекинал сезоната во европските лиги, како што беше случај со Катар 2022, а ситуацијата би станала уште покомплицирана доколку Светското првенство се прошири од 48 на 64 репрезентации.
Поголемиот број учесници би значел повеќе натпревари и турнир што би траел шест или седум недели, што дополнително би го намалило просторот за негово организирање. Конечната одлука сè уште не е донесена, но едно е сигурно – Светското првенство во Саудиска Арабија нема да се игра во јуни и јули, а фудбалскиот свет би можел да добие Мундијал каков што досега никогаш немало.