ФИФА ги кани тајландските деца кои се заробени во пештера на финалето на СП

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино ги повика дечињата кои беа заробени во пештера на северот од Тајланд да присуствуваат на финалето на Светското првенство во Русија, кое ќе се игра зa осум дена во Москва.

Првиот човек на светската организација испратил писмо до Сомојот Помпанмонг, претседателот на тајландскиот фудбалски сојуз во кое истакнал поддршка за децата и ги повикал нив заедно со тренерот, да дојдат на финалето, ако условите тоа го дозволуваат. Инфантино истакнал дека со „голема загриженост ги следеле вестите“ откако групата исчезнала, а дека потоа на сите во ФИФА им олеснило, кога дознае дека се пронајдени здрави и живи во планините Чианг Раи.

„Се надеваме дека на некој начин нашите зборови за поддршка ќе може да помогнат за да и донесат малку мир и храброст во овие тешки моменти со несигурност и грижи“, напишал Инфантино во писмото кое го објави шпанска „Марка“. „Ако следните денови тие се вратат кај своите семејства, а ние се надеваме дека тоа ќе се случи, ако здравствената состојба им е доволно добра и ако можат да патуваат, ние радо би ги повикале на финалето на Светското првенство во Москва“, стои во писмото од Инфантино.

Дванаесет деца на возраст од 11 до 16 години заедно со тренерот се заробени во пештера од 23 јуни, а локалните спасувачки служби се обидуваат да ги спасат, но поплавите ја отежнуваат таа ситуација. Според „АБЦ Њус“, децата кај спасувачите се распрашуваат за текот на Мундијалот во Русија.