Ето доби 22 месеци условна казна затвор за даночно затајување

Камерунската легенда Самуел Ето, поранешен фудбалер на Барселона и Интер се спогоди со шпанското обвинителство за случајот со затајување на данок, па доби 22 месеци условна затворска казна.

Ето затајувал данок во периодот додека играше во Барселона и како и во случаите со многу ѕвезди на Пиринеите, како Лео Меси, Нејмар и Кристијано Роналдо, доби казна под две години и истата нема да ја лежи, туку му се заменува со условна и тој само ќе плати 1,8 милиони евра за штетата што ја направил кон државата.

Како и во случаите со најголемите светски ѕвезди, проблем се приходите од имиџ правата и тоа што Ето во случајов не ги пријавил истите за да биде оданочен и со тоа избегнал плаќање на данок и ја измамил државата. Со него осуден е и неговиот екс-менаџер Хосе Марија Месалјес, кој доби 12 месеци затвор и парична казна.

Имиџ-правата Месалјес и Ето ги префрлале на фирма со седиште во Унгарија, каде се најмали даноците од земјите во ЕУ. Ето од минатата година е претседател на камерунската федерација.