Чудна селекторска жртва: Ван Гал без пораз ја напушта Холандија!

Вчерашното второ четврт-финале на Мундијалот во Катар во кое Аргентина по изведување пенали ја елиминира Холандија донесе нова селекторска жртва и тоа традиционално кај поразената селекција.

Луј Ван Гал по мечот изјави дека нема да продолжи со извршување на функцијата, откако лани во август по третпат седна на клупата на „лалињата“.

„Нема да продолжам, ова беше мојот последен натпревар. Немаме пораз во ниту еден натпревар, не знам колку победивме, но можете на Гугл да го напишете моето име и сами ќе ја видите гол-разликата“, изјави преискусниот тренер.

Тоа што сакаше да го потенцира 71-годишниот стратег беше фактот што Во неговиот последен мандат со Холандија оствари 14 победи со шест нерешени и имаше гол-разлика 51-17.

„Не бевме поразени со причина. Имаме одличен тим со многу таленти. Едноставно не може да го преболиме овој пораз. Имаше сомнителни судиски одлуки, но не дозволувам да мислиме дека загубиме поради судијата“, дополни Ван Гал.

Тој додаде и дека не го интересира кој ќе стане светски шампион. Медиумите шпекулираат дека оваа оставка нема да значи дефинитивна пензија за Ван Гал, туку дека се очекува наскоро да биде промовиран во селектор на Белгија.