Челси посвети објава на Енцо Фернандез, па мораше да ја избрише (ФОТО)

Челси се најде на удар на сопствените навивачи откако на социјалните мрежи го прослави голот на Енцо Фернандез против Англија во полуфиналето на Светското првенство. Реакциите на приврзаниците на лондонскиот клуб беа толку жестоки што објавата набрзо беше избришана.

Англија на натпреварот во Атланта поведе со голот на Ентони Гордон и долго време беше на чекор до пласман во финалето. Сепак, Аргентина во финишот успеа да направи пресврт. Енцо Фернандез пет минути пред крајот со силен удар го совлада Џордан Пикфорд и израмни на 1-1, а во судиското продолжение Лаутаро Мартинез, по асистенција на Лионел Меси, ги постави конечните 2-1 и ги однесе „гаучосите“ во големото финале.

Веднаш по голот на Фернандез, официјалниот профил на Челси објави фотографија од аргентинскиот играч од средниот ред, придружена со неговото име и емотикон што симболизира експлозија, прославувајќи го погодокот на својот фудбалер.

Но, потегот на англискиот клуб предизвика лавина негативни реакции кај навивачите, кои оценија дека е несоодветно англиски клуб да слави гол постигнат против репрезентацијата на Англија.

„Ние сме англиски фудбалски клуб. Срамота за мојот клуб“, напиша еден навивач.

Друг додаде:

„Зошто го објавувате ова кога сме англиски клуб, а голот е постигнат против Англија?“

Набрзо следуваа десетици слични коментари, а многумина оценија дека клубот целосно го изгубил чувството за моментот. Под силен притисок од навивачите, Челси за кратко време ја избриша спорната објава.