Лаутаро во еуфорија: Ви се колнам, им реков на Алексис и Факу дека ќе дадам гол за победа
Четири години подоцна, Лаутаро Мартинез со стил ја поправа својата лична статистика на мундијалите. Голот против Англија беше негов трет на турнирот во САД, Мексико и Канада, но ќе се памети засекогаш. Прецизен удар со глава во судиското продолжение во второто полувреме им донесе на „гаучосите“ место во финалето, а капитенот на Интер го направи бесмртен.
За разлика од головите против Јордан и Швајцарија, овој му го даде на вечниот ривал на Аргентина, за да го продолжи својот сон за одбрана на тронот. Исто како што замислувал кога бил момче.
„Не знам што да ви кажам, искрено... Ова е толку моќно! Од првиот ден кога татко ми ми купи копачки, сонувам за ваков момент. Ова е гол за мајка ми, од денот кога отидов во Расинг, таа не престана да ми го средува креветот, а тоа вреди повеќе од еден гол, од финалето... Имам две деца кои ми го променија животот откако се родија, забавив, уживам во сè. А денес сум човек кој навистина ужива во својот живот“, рече Лаутаро Мартинез по фантастичниот натпревар во Атланта.
Напаѓачот од Баија Бланка претчувствувал дека ќе постигне гол на натпреварот против Англија во кој Аргентина имаше негатива околу половина час.
„Сонував за тоа. Се колнам, му кажав на Алексис (МекАлистер) дека ќе постигнам гол. Му кажав на Факундо Медина дека ќе влезам и ќе го дадам победничкиот гол“, додаде Лаутаро.
Со вчерашниот гол против Англија, капитенот на Интер стигна до бројката од 40 во дресот на Аргентина и му недостасува само уште еден да се израмни со третопласираниот Серхио Агуеро. Шанса за тоа ќе има во неделното финале против Шпанија во Њу Џерси.