Силекс и Шкендија вечерва во ист термин во Скопје одат по второ коло во Европа!

Македонските претставници Шкендија и Силекс вечерва ги играат реваншите од првото квалификациско коло во Конференциската лига, а двата тима во пресрет на вторите натпревари имаат предност стекната на првите средби.

Тетовска Шкендија ја заврши работата уште на гостувањето во Гибралтар, каде што убедливо ја совлада Европа со 5-0. Со оглед на високата предност, не се очекува противникот да приреди сензација на арената „Тодор Проески“, па избраниците на тренерот Положани треба само рутински да го потврдат местото во следната рунда.

Далеку понеизвесен се очекува да биде дуелот на Силекс против Динамо Минск. Кратовци на првиот натпревар во Стара Загора славеа минимално со 1-0 благодарение на голот на новото засилување Хусакиќ, кој беше прецизен од белата точка.

Реваншот Силекс ќе го одигра на тренинг-центарот „Петар Милошевски“, каде што ќе има силна поддршка од трибините, бидејќи билетите се целосно распродадени. Сепак, белорускиот тим и понатаму важи за благ фаворит. Тренерот Александар Васоски пред натпреварот истакна дека натпреварувачкиот ритам на противникот може да биде нивна предност.

„Противникот е во подобра форма од нас. Имаат одиграно 15 натпревари во првенството и се лидери на табелата. Ние немаме таков ритам, но веруваме дека можеме да се пласираме во следното коло“, изјави Васоски.

Двата натпревари започнуваат во 20:00 часот, а дуелот помеѓуи Силекс и Динамо Минск ќе биде пренесуван и во живо на каналот на Арена М1 Премиум.