Чеферин удри по Инфантино: Така се губи суштината на Светското првенство

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин ја критикуваше ФИФА и нејзиниот прв човек Џани Инфантино поради високите цени на билетите за претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада.

Според него, прескапите влезници веќе одвраќаат многу навивачи да размислуваат за патување и присуство на најголемиот фудбалски настан во светот.

Чеферин вели дека, иако трибините најверојатно ќе бидат исполнети, тоа ќе биде главно со публика која може да си дозволи високи цени, што, како што нагласува, не е суштината на фудбалот.

Тој додава дека во САД има доволно луѓе со голема куповна моќ за да ги наполнат стадионите, но прашува дали тоа навистина е поентата на спортот.

„Во УЕФА ќе ги задржиме старите цени за билетите за Европското првенство. Ако веќе сакаат да заработат повеќе, нека ги зголемат цените на ВИП-ложите, таму има доволно заинтересирани. Но, не треба да се одзема фудбалот од вистинските навивачи“, порача Чеферин.

Тој истакна дека билет за финале чини околу 7.500 евра, а со пат и сместување сумата станува недостижна за поголем дел од навивачите, што според него ја нарушува суштината на Светското првенство.

Фото: UEFA/FIFA