Бразилски ветеран на 41 година со стил се прости од фудбалот (ВИДЕО)
Во последниот натпревар Лав беше херој на бразилскиот четвртолигаш Ретро во натпревар од купот. Ретро на домашен терен ја совлада Сеара со 3-1, а токму Лав го постигна последниот гол во 94. минута и така со стил се прости од фудбалот.
Пред почетокот на натпреварот, легендарниот напаѓач помина низ шпалир од играчите на двата тима, кои на тој начин му оддадоа признание за неговата голема кариера. При погодокот, Лав одлично ја испрати акцијата по крилната позиција и со многу чувство ја затресе мрежата за конечни 3-1, по што на стадионот следеше вистински делириум.
VAGNER LOVE HISTORICO! NO ULTIMO JOGO DA SUA CARREIRA! ELE MARCA!
— Noite de Copa (@Noitedecopa) March 28, 2026
SUBESTIMADO.
pic.twitter.com/XaMG2Kbhpj
Пред натпреварот му беше подарена и маичка со бројот „442“, бројка што ги симболизира головите кои ги постигна во кариерата.
„Ова беа години исполнети со борба, посветеност, огромна радост и безброј предизвици кои ми помогнаа да растам како спортист и како човек. Тоа момче од Бангу кое сонуваше да игра фудбал никогаш не можеше да замисли дека ќе го доживее сето ова, да носи дресови на големи клубови, да постигнува одлучувачки голови, да освојува трофеи и да ја чувствува љубовта на навивачите каде и да игра“.
„Сакам да му се заблагодарам на Бог и на моето семејство, кои секогаш беа со мене, како и на сите клубови што станаа дел од мојата приказна. На соиграчите, тренерите, стручниот штаб, а особено на навивачите, вие бевте срцето на ова патување. Секој извик „гол“, секоја поддршка и во победи и во тешки моменти, сето тоа го направи мојот пат вреден. Го напуштам теренот со полно срце и чувство дека оставив нешто големо зад себе. Фудбалот ми даде сè, а јас се обидов да му вратам со љубов, посветеност и голови. Приказната на теренот завршува тука, но страста кон фудбалот ќе живее засекогаш. Ви благодарам од срце!“, порача Лав по натпреварот.
Навивачите најмногу ќе го паметат по периодот кога го предводеше нападот на ЦСКА Москва, клуб со кој во 2005 година го освои Купот на УЕФА.
Фото: EPA