Ројевиќ: Ништо не е готово, дома навивачите нека ни бидат ветер во грб!

Oхрид денеска славеше голема победа во Атина кај Олимпијакос со 31-25 во првиот натпревар од четвртфиналето во Европскиот куп со што македонскиот претставник направи голем чекор кон полуфиналето.

По натпреварот, тренерот Борис Ројевиќ им честиташе на своите ракометари, меѓутоа и потенцираше дека ништо не е завршено, поради што повика и на максимална поддршка од навивачите во реваншот идната сабота.

„Честитки до моите момци, исполнивме се што беше договорено. Дадоа 120% од себе, Олимпијакос е одлична екипа која игра на максимум. Ние одигравме феноменален меч, но ништо не е готово. Минатата сезона тие беа поразени од Турда, а потоа победија на гости со повисока разлика. Затоа апелирам до сите навивачи да ги исполнат трибините во „Билијанини Извори“ и дани дадат ветер во грб за заедно да се радуваме на историско полуфинале“, истакна Ројевиќ за „Охрид њуз“.

Реваншот во Охрид е закажан за в сабота (4 април) во терминот од 18:00 часот. Како и денеска во Атина и на тој дуел нема да има присуство на гостински навивачи.