Бизарно: Навивач и обезбедувач го „патосираа“ Меси среде меч во Порторико (ВИДЕО)

Аргентинската фудбалска ѕвезда, Лионел Меси, накратко заврши на тревата за време на пријателскиот натпревар во порториканскиот Бајамон, откако навивач истрча на теренот, а обезбедувањето се обиде да го запре.

Инцидентот се случи на пријателскиот дуел меѓу Интер Мајами и еквадорскиот клуб Индепендиенте дел Ваље, одигран во четвртокот навечер. Станува збор за одложен натпревар, кој требаше да се одигра на 13 февруари, но беше откажан поради тоа што Меси почувствува затегнување во тетивата на коленото. Новиот термин беше договорен со промоторот и локалните власти, иако дојде во незгоден момент за Интер Мајами – само пет дена по стартот на сезоната во МЛС и поразот ЛАФЦ (0-3), како и помалку од 72 часа пред гостувањето кај локалниот ривал Орландо Сити.

Натпреварот беше необичен уште пред инцидентот со навивачот. Почетокот доцнеше речиси еден час поради проблеми со дресовите, а на крајот двата тима настапија во претежно црни гарнитури, поради што од трибините тешко се разликуваа. Пред 12.500 гледачи на распродадениот стадион „Хуан Рамон Лубриел“, тренерот на Интер Мајами, Хавиер Маскерано, изведе состав претежно составен од резерви. Меси влезе во игра на полувремето и постигна гол од пенал во победата од 2-1.

Пред самиот крај неколку навивачи влегоа во теренот. Еден од нив стигна до Меси, а обезбедувањето се обиде да го оттурне. Во метежот се појавија уште двајца помлади навивачи, очигледно во обид да направат селфи. Првиот навивач, веќе без маица, успеа да им избега на редарите, повторно му пријде на Меси и го прегрна околу половината. Во тој момент обезбедувањето го собори навивачот, но заедно со него падна и аргентинската ѕвезда. За време на хаотичните сцени, ниту еден од соиграчите на Меси не пријде да го заштити капитенот. На крајот до него дојде противничкиот фудбалер, парагвајскиот напаѓач Карлос Гонзалес, кој го прегрна, додека редарите и судиите ја смируваа ситуацијата и ги отстрануваа останатите навивачи од теренот.